За изведување на едномесечните активности од кампањата ќе бидат издвоени пет милиони денари, односно 80 илјади евра – буџетски средства кои, како што истакна вицепремиерот Бојан Маричиќ на денешната презентација, се испланирани од минатата година во рамките на Секретаријатот за европски прашања (СЕП) за промоција на европските вредности
Преку кампањата „Ние сме Европа“, Владата и Секретаријатот за европски прашања (СЕП) во наредниот период ќе ги информираат граѓаните за придобивките и можностите од зачленувањето на земјава во Европската Унија.
За изведување на едномесечните активности ќе бидат издвоени пет милиони денари, односно 80 илјади евра – буџетски средства кои, како што истакна вицепремиерот Бојан Маричиќ на денешната презентација, се испланирани од минатата година во рамките на Секретаријатот за промоција на европските вредности.
„Во рамките на напорите на Владата на Република Северна Македонија да ги оствари стратешките цели и да ја приближи целта за влез во ЕУ, Владата ќе организира серија настани во осум града во државата. Кампањата ќе се вика ‘Ние сме Европа’. Ќе се реализира во Скопје, Струмица, Охрид, Прилеп, Тетово, Штип и во Куманово. Секаде ќе има тематски настани, со кои ќе ги покриеме најважните теми, кои врз основа на нашите анализи ги интересираат граѓаните“,изјави денеска вицепремиерот Маричиќ кој во просториите на СЕП ја презентираше кампањата.
Официјалниот старт на активностите ќе биде на 30 август и ќе трае до крајот на септември. Првиот во серијата настани ќе се одржи во Скопје на 30 август и ќе го отвори премиерот Димитар Ковачевски.
На презентацијата на кампањата, Маричиќ додаде дека активностите ќе вклучуваат и средби со здруженија и граѓански организации и со сите оние што се заинтересирани да прашаат нешто конкретно за темата и генерално за процесот на пристапување. Во сите осум града ќе се одржуваат и трибини.
„Целта на овие активности е да им ги претставиме на граѓаните придобивките од брзото членство во Европската Унија, неопходните реформи кои треба да ги направиме за да ги постигнеме европските стандарди во наредните неколку години и начините како членството ќе го заштити и зајакне нашиот идентитет, јазикот, посебноста и мултиетничкиот карактер на државата“,додаде вицепремиерот за европски прашања.
Презентацијата на активностите од кампањата „Ние сме Европа“, која се одржа денеска во просториите на Секретаријатот за европски прашања, почна со приказ на промотивно видео во форма на анкета со граѓани кои аргументираат зошто се за членство на Северна Македонија во Европската Унија.
Источник : 360 степени